Categories
Видео НР

Кратово – градот на златото, рударството, алхемијата, кнезовите, кулите, мостовите и легендите

КРАТОВО

м-р Никола Ристевски

Македонија е земја која изобилува со природни ресурси и културно наследство. Скоро секој град во државата се наоѓа на локација каде што населба постоела и претходно, најчесто дури и пред нашата ера. Во североисточниот дел на Македонија се наоѓа Кратово, град кој е најголем нем сведок на културното наследство во нашата земја. На територијата каде што се наоѓа денешниот град уште од античко време постоела населба. Рудните богатства се користеле уште во антиката, римскиот и ранохристијанскиот период, но и во средните векови. Градот на кулите и мостовите претставува вистински музеј на отворено, кој воодушевува со средновековната архитектура.

За Кратово се напишани многу страници во патеписи, книги, весници, списанија и извештаи. Зачуваните стари книги, фотографии и видео снимки го покажуваат интересот за овој град во минатиот век. Достапните записи од 19 век ни потврдуваат за значењето на Кратово во научната литература. Најпознати роднокрајни автори кои пишувале за Кратово се Ефрем Каранов и Стефан Симиќ. Во средината на 19 век, патепис за Кратово објавил и Јордан Хаџиконстантинов – Џинот.

Низ Кратово во 19 век поминал патеписецот Ами Буе. На крајот од 18 и во почетокот на 19 век во Кратово живеел и творел Јоаким Крчовски. Во 17 век и Евлија Челеби го посетил Кратово и го опишал во неговиот патепис. За Кратово во 17 век пишувал и патеписецот Хаџи Калфа. Богатството од Кратовските рудници е забележано и во поема на поетот Заифи од 16 век. Во средината на 16 век низ Кратово поминал и патеписецот Катарин Зено од Венеција. Сите патеписи сведочат за богатството на Кратово, развиените занаети, цврстите градби, трговијата, големината и значењето на градот.

Постојат записи за кнезот Никола и неговиот син кратовскиот митрополит Михаил, кои живееле во 17 век. За Михаил постојат многу историски податоци, два пати бил во Русија, посетил повеќе европски земји, бил на аџилак во Ерусалим, а животот го завршил на Света Гора. Кратово бил значаен културен и книжовен центар, а Кратовската книжовна школа оставила голема трага во македонската историја. Во 16 век во Кратово живеел и работел Поп Јоан Кратовски. Значајна личност од Кратовската книжовна школа од 15 век е и Димитар Кратовски. Во овој книжевен центар низ вековите работеле и многу други книжевници од Кратово, кои успеале да преведат и напишат голем број на книги.

Војните кои се воделе на овие простори и пропагандите повлијаеле на историските записи за Кратово. Многу големи војски поминувале, останувале, војувале и си заминувале од Кратово. Зачувани се податоци за големи улични борби за време на Австро Турската војна и Карпошовото востание. Во народните сеќавања уште се живи легендите и преданијата за славното минато, спомените за кратовските кнезови и војводи, но и пророштвата на старците од Кратово. Голем дел од старите текстови од 19 и почетокот на 20 век се преобјавени во нивната оригинална фототипна форма во книгата „Зборник за Кратово“.

Во Кратово можат да се видат стари средновековни кули кои претставуваат вистински архитектонски споменици. Во минатото постоеле многу такви кули, повеќето од кои одамна биле разрушени. Денес можат да се видат Саат кулата, Кулата на Стеван Симиќ, Златковата кула, Хаџи-Костовата кула, Кулата на Емин бег и Крстевата кула. Првите три се реставрирани и во нив се поставени постојани изложби.

Во 1940 година Стеван Симиќ запишал дека и тогаш биле зачувани 6 кули, освен кои ги опишува и остатоците од кулите на Радин мост, Досева кула, Спаскова кула, Мангова кула, Јузбашиска кула, Мусева изба и остатоците од „кулата на кралицата“, за која забележал дека постоела до 1914 година и била позната и како Шута кула.

Според историските податоци, поголемиот дел од кулите биле уништени за време на Карпошовото востание. Освен неколку помали кули од „време турско“, најчесто се тврди дека повеќето од кулите биле изградени за време на Константин Дејанов во 14 век, но постојат претпоставки според кои и тогаш биле градени врз темели на уште постари градби.

Порано во Кратово имало многу мостови, повеќе од кои биле разрушени за време на Австро Турската војна и Карпошовото востание. Со подемот на занаетчиството во 19 век, почнале да се градат нови и да се обновуваат старите мостови. Денес во Кратово се зачувани шест стари мостови кои претставуваат споменици на културата – Грофчански мост, Чаршиски или Царски мост, Јоркширски, нарекуван и Свински и Змиски мост, Горноамамски мост, Аргулички мост и Радин мост. За секој од мостовите можат да се слушнат приказни, преданија и легенди од домашното население и локалните туристички водичи.

Според староседелците, црквата „Свети Јован Крстител“ во Кратово постоела уште од многу одамна, а била запалена за време на Карпошовото востание, кога изгорел целиот покрив и останале само ѕидовите. Народот успеал да ги зачува вредните црковни предмети и дури во 1836 година црквата била обновена од големиот неимар Андреја Дамјанов. Иконите и фрескописот ги изработиле Димитар Христов и неговиот син Захарија Доспевски од Самоковската школа, а иконостасот е една од првите изработки на Петре Филиповски Гарката и неговата тајфа. Неколку децении подоцна, во неколку наврати во црквата работел и Димитар Андонов Папрадишки.

Во црквата е сочуван иконостасот, внатре се наоѓаат неколку икони за кои народот верува дека се чудотворни, а фреските сведочат за работата на старите мајстори. Пред црквата, во тремот се претставени многу светци, а на средината се наоѓа Второто Пришествие Христово. Забележливи се два слоја на фрески и голем дел од ликовите на светците и претставата на небесната хиерархија се зачувани. Впечатливи се симболите кои се вградени и исцртани во ѕидовите на црквата. И покрај издржливоста низ вековите, потребни се заштитни интервенции и конзерваторска работа за да се зачува овој споменик на нашата култура.

Во Кратово се наоѓа и првата црква посветена на Свети Ѓорѓи Кратовски, изградена во 1925 година. Свети Ѓорѓија Кратовски е македонски православен светител кој бил роден во Кратово во 1497 година. Родителите Димитар и Сара уште од најрана возраст му овозможиле да научи да чита и пишува, по што како млад образован  човек бил испратен да учи златарски занает во Софија. Таму, откако се противел на обидите на властите да го придобијат и да го потурчат, во 1515 година бил запален на клада. Чудотворните облаци кои се појавувале врз запалениот оган, несогорливото тело, сведоштвата од неговите современици и прогласувањето за светец само неколку децении по неговата смрт сведочат за белегот кој го оставил Свети Ѓорѓија од Кратово во македонската историја и култура. Животот на овој македонски светител за прв пат бил опишан од неговиот земјак Поп Пејо.

Во градот има уште една стара црква, посветена на Свети Николај Чудотворец. Најверојатно била започната да се прави врз темели на постар храм во 1822 година, а била завршена во 1848 година. Постојат податоци според кои и пред Карпошовото востание, во Кратово постоела црква Свети Никола.

Старите мајстори направиле многу издржливи куќи во Кратово кои можат да се видат и денес. Секое маало си има свои посебни архитектонски белези. Градителството во Кратово сведочи за древните знаења на македонските мајстори. Градската архитектура во Кратово е типична староградска македонска архитектура.

Под Кратово постои мрежа од тунели која ги поврзува кулите и мостовите со останати локации. Денес, во 21 век уште можат да се видат делови од подземни ходници во градот и неговата околина. Под многу стари куќи има подруми кои се дел од тие стари подземни премини, а многу од тунелите се затрупани.

Кратово било дел од многу буни и востанија на македонскиот народ во минатото, што предизвикало последици не само во градската архитектура, туку и врз начинот на живот на населението. Постојат историски податоци за трпението, итрината, претпазливоста и силата на локалното население во различни пероди на вооружени спротивставувања со властите. Името на ајдучката чаршија потсетува на тие дамнешни времиња на пркос и непокор. Револуционерната дејност во Кратово започнала многу рано. Легендарен е споменот за големиот и храбар интелектуалец Јосиф Даскалов од Кратово и неговиот живот и дело. Родум од Кратово е и преживеаниот од Гемиџиите – големиот македонски револуционер Павел Шатев.

Во градскиот музеј на Кратово, кој се наоѓа во една од старите куќи во градот, можат да се видат значајни артефакти од археолошките локалитети од регионот. Под музејот се наоѓаат старите зандани и тунели. Општина Кратово во 21 век располага со огромен туристички потенцијал не само од градот, туку и во неговата околина. Во општината се наоѓаат и Куклица, Цоцев Камен, Шопско Рударе и други локации кои претставуваат вистински туристички атракции. Во Кратово постои и едно од најавтентичните туристички сместувања во регионот, етно куќата Шанчева, стара повеќе од 300 години. Повеќе информации за музејот, сместувачките капацитети, храната и угостителските објекти, останатите знаменитости и занимливости и туристичкиот потенцијал на Општина Кратово ќе можете да дознаете од нашиот следен документарен филм. Старите записи за Кратово на неколку јазици можат да се прочитаат во книгата „Зборник за Кратово“. Во Кратово работат неколку домашни туристички водичи кои со задоволство ги пречекуваат туристите кои во изминатата деценија доаѓаат од целиот свет.

Кратово е еден од најстарите градови во светот. За Кратово пишувале многу патеписци, научници, писатели, странски и роднокрајни автори. Кратово воодушевува со својата автентичност која привлекува се повеќе туристи и научници. Зачуваните градби, куќи, мостови, кули, рударски окна, тунели и цркви претставуваат не само значајни културни, туку и големи економски ресурси.

Градот на древното рударство, златото и алхемијата е населен врз прастар вулкански кратер. Овде легендите и преданијата за минатото, силни како и градбите на старите мајстори, издржале низ вековите. Посетете го Кратово, градот кој е жив сведок на македонската традиција и култура.

м-р Никола Ристевски

Превземање на текстот и употреба без дозвола од авторот не се дозволени. Ви благодарам. За повеќе информации читајте ја книгата „Зборник за Кратово.