Categories
НР

Старите народни верувања и обичаи за Велик Ден од Македонија

„Задале се два облака, грмат, грмат, дури зборат!“

Подготовките за Велигденските празници кај Македонскиот народ започнувале и започнуваат уште пред Велигденскиот пост. На „чист понеделник“ не се работело „за од глувци“, за глувците да не правеле пакос по куќите, амбарите и шталите.  Народните верувања дека „ластовиците идат од арапска земја на празнико на четириесе мученици“, „на Благоец излавале змиите од земјата, а тогај прокукуе кукавицата и кој оде по поле треба да си апне троа лебец“, „на Благовец змија е арно да те уапе, оти тогај са благи“ и многу други и ден денес се паметат низ цела Македонија. Познато е дека народот верува за лош к’смет ако работи во четвртоците од Велигден до Дуовден или Спасовден, „за да не пада град летно време“. Во некои краишта од Македонија падарите биле задолжени за проверка на нивите и лозјата во четвртоците, кои дури и го кршеле алатот на оние кои работеле.  Во тие четвртоци ниту смеело да се работат „тешки работи“, ниту пак по дома да се перат бели алишта, сето тоа заради верувањата за заштита од град во текот на годината. Цепенков и други собирачи на народни умотворби пишувале за „нефелата од работа од Величетврток заклопен четврток“.

Подготовките за бојадисување на велигденските јајца од домаќинките започнувале уште во средата, кога ги оставале во вода со билки за да отстојат покрај огништето до „рано пред сонце“, кога домаќинката откако ќе каснела едно парче леб, започнувала со вапцање. Верувањето за моќта на првото бојадисано јајце, или првите три јајца низ цела Македонија се памети не само по капењето на децата, туку и по користењето на првото велигденско јајце за заштита од град и други непогоди и непријатности. Народното верување за моќта на јајцето како симбол на плодноста и бериќетот е претставено преку бањањето на децата – „црвено – бело, здраво – живо“. Во коритата со вода се ставале билки – здравец, вртика…народот уште верува дека „сè бидува од јајцето“.

„На црн петок огин не се пале.“

„На црн петок е строг пост, ни вода не се пие до зајдисонце.“

Од повозрасните уште може да се чуе и дека „човеците шо умирале околе Велигден иделе право у рај“, „кој човек умира на Велики Петок и го погребуват на Велика Сабота, воскреснува заедно со Ристос у неделата“.

Илустрација на ѕвезденото небо од книгата „Небото над Македонија“ на Ѓоре Ценев

Зачувани се народни песни од Овче Поле во кои се пее за несреќите изразени преку временски непогоди или лош к’смет ако се работеле тешки работи во деновите пред  Велигден, кои заедно со именувањата на некои соѕвездија ни даваат увид во знаењето на нашите древни предци кои многу одамна живееле на овие простори.

Полукружниот распоред на ѕвездите во созвездието Северна Круна (Corona Borealis) кои „се гледат цело лето“ во Свети Николе и околните села се познати како „трпеза“, „софра“, но и „тајна вечера“ и „божја трпеза“. Исти и слични именувања за „многуте ситни ѕвезди кои се во круг околу поголема ѕвезда како на софра“ се познати и во други краишта на Македонија. Во старите „вечни календари“ може да се забележи поврзаноста на седмиците на велигденскиот пост со старите верувања и обичаи од антиката. Симболиката на јајцето и вербата на народот сведочат за живиот мит и бит на Македонија во 21 век.

Празнувањето на Велигден или ВеликДен е поврзано со фазите на месечината, па затоа и празникот е „подвижен“. Обичаите кои се паметат и практикуваат и ден денес во периодот од пред Велигден, преку Ѓурѓовден, Спасовден, Преображение, Крстовден и понатаму до Коледе и Божиќ, сведочат за старите верувања кои се зачувале во Македонија уште од памтивек до денес.

м-р Никола Ристевски

книга „Бабини деветини“

28 тревен 2021