Categories
Зборник за Свети Николе

Кога Свети Николе било гаѓано со топови од Сиври тепе – пред 190 години

Забележано е дека во 1830 година во Свети Никола имало околу 50 куќи, од кои околу 32 македонски и 20 турски, а надвор од населбата во месноста „Говедиште“ имало житен – тереќе пазар и сточен – ајван пазар. Од таму стоката била терана за Куманово, каде ја купувале трговци од Одрин и Софија, а житото било носено за Велес, од каде по сплавови било испраќано за Солун. Дуќани немало, а трговците стоката ја изнесувале на улиците. По епидемијата на чума во некои од Овчеполските села во третата деценија од 19 век, и откако населбата Свети Никола добила официјален пазарен ден и со тоа статус на гратче во следната деценија, многу Македонци од овчеполските села, но и од соседните региони почнале да се доселуваат во Свети Никола. Во средината на 19 век дури и дел од поимотните жители, и Турци и Македонци почнале да ги напуштаат дотогашните занимања и да започнуваат да се бават со трговија. Карваните кои пренесувале стока зачестиле низ Свети Никола и биле отворени повеќе анови. Во спомените на локалното население се зачувало дека во тоа време во Свети Николе имало околу десет поголеми и уште неколку помали анови…

Околу 1830 година, во „раетско“ маало се случиле неколку расправии помеѓу Турците и Македонците. Во тоа време во населбата имало околу 30 македонски и 20 турски куќи. Караниците биле заради неколку девојки од „рецко“ маало, а „неколкумина од башибозукот платиле со глава“. Заради овие настани, од Скопје му било наредено на Штипското воено заповедништво да ја сруши населбата Свети Никола. Кога војската со топовите дошла на Сиври тепе, излегол поп Андо Каровски за да побара милост, но Турците ги срушиле сите куќи, а ги оставиле само куќите на неговите синови. По ова, населбата повторно почнала да се гради, но и да се шири и зголемува…

м-р Никола Ристевски

  • од книгата ЗБОРНИК ЗА СВЕТИ НИКОЛЕ