Categories
Видео НР

Книгите и документарните филмови за културното наследство и природните ресурси на Овче Поле

Овчеполието е регион кој е еден од најсниманите во историјата на македонската кинематографија. Многу сцени од долгометражни и кратки филмови, документарни филмови, музички спотови, серии и промотивни видеа биле снимани во околината на Овче Поле. Во централната населба на Овчеполската Котлина – гратчето Свети Николе на крајот од минатиот век имаше успешен период на создавање на аматерски домашни филмови, а во почетокот на овој век не само што нема локална видео продукција, туку и бројот на културни настани, објавени роднокрајни книги и промоции на културното наследство и природните ресурси на еден од најбогатите региони во Македонија започна да се намалува.

стара разгледница, фотографија снимена од авион

Во последните пет години, непроценливото културно наследство и огромните природни ресурси на Овчеполието сè повеќе го привлекуваат вниманието на јавноста. Откако беше објавена едицијата „Зборник за Овче Поле“ од пет книги со собрани авторски текстови, фототипи од стари книги, страници од весници и списанија, стари фотографии, карти и мапи, документи и преводи, за овој регион беа објавени и уште неколку други изданија – „Зборник за Свети Николе“, „Свети Николе – главната населба во Овчеполската Котлина“ и „За Овчеполските работи“.

Во 2012 и 2013 снимки од Овчеполието беа емитувани во емисијана Na Rubu Znanosti на HRT. Во 2014 во Овче Поле беа извршени првите неинвазивни архео акустични истражувања во Македонија, за коишто беа објавени три научни трудови во меѓународната научна литература. Вo 2018 снимки од Овче Поле беа емитувани на History Channel. Во изминатите две години се објавија неколку кратки документарни филмови за Овчеполието – „Археолошки локалитет Билазора“, „Свети Николе – главната населба во Овчеполската Котлина“, „Овчеполскиот геоглиф“ и „Ѓуриште“.

првата фотографија на геоглифот, снимена од авион 1996

Во 2019 беа направени првите обиколки на денешните и старите села во Овчеполието и од тогаш до пролетта годинава се сними огромен материјал кој веќе е во процес на пост продукција и ќе биде дел од документарниот филм „За Овчеполските работи“ кој се очекува да биде промовиран годинава.

Од 2020 започнаа снимања со Ансамбл „Македонија“ со цел визуелно прикажување на Овчеполските народни носии, песни, ора, инструменти, обичаи и традиција. Првиот краток документарен филм кој беше објавен е „Овчеполско оро“, снимен во дворот на црквата „Свети Никола“ во Свети Николе.

Годинава се направија аудио и видео снимки за продуцирање на краткиот документарен филм „Возот кој никогаш не дојде“ во кој се прикажува доселувањето на прогонетите Македонци од Беломорска / Егејска Македонија во Овче Поле пред 70ина години. Снимањето се одвиваше на железничката станица „Овче Поле“, која е стара скоро еден век и била дел од неколку големи филмови во домашната кинематографија.

Веќе се прават подготовки за следните снимања со одбрани локации за „Овчеполската народна носија“ – краток документарен филм за претставување на старата Овчеполска носија, „Овчеполски приказни“ – документарен филм со преданија, легенди, приказни и сведоштва и прикази на стари записи, мапи и книги, „Туристичкиот потенцијал на Овчеполската Котлина“ и „Древното Овче Поле во новото време“.

Наскоро излегува од печат и туристички водич за Овчеполието, насловен како „Водич за (аван)туристи кои сакаат да го посетат Овче Поле“, во кој се содржани  описи и фотографии од култни места, напуштени села, стари цркви, археолошки локалитети и други локации во Овчеполската Котлина, дополнети со првата туристичка мапа на Овчеполскиот регион.

Културното наследство и природните ресурси на Овчеполската Котлина претставуваат огромен економски потенцијал за стабилност, развој и раст на целата економија во регионот и заслужуваат многу поголемо внимание во периодот кој претстои.

КНИГИ 

КРАТКИ ДОКУМЕНТАРНИ ФИЛМОВИ

 

КРАТКИ ПРОМОТИНИ ВИДЕА