Народната борба пред Балканските војни
Во период пред Илинденското востание, во Овчеполието биле сконцентрирани едни од најбројните полициски единици на турската власт со седиште во Клисали (Свети Никола). Податоците од пописот во 1900 година ни покажуваат дека тогаш во Свети Никола живееле бројно повеќе Турци од Македонци. По востанието и периодот на обидите за подобрување на положбата на локалното население од војводата Михаил Развигоров (кого народот го нарекувал овчеполски кнез) и неговите соработници, пред балканските војни во Клисали (Свети Никола) било и седиштето на мудирот кој раководел со турските воени и полициски сили во овој предел и бил под раководство на штипскиот кајмакам. До тогаш само во Свети Никола имало еден табор пешадија со пешаци и коњаници, а пред балканските војни уште еден таков турски табор бил сместен и во селото Немањици. Во Каратманово, Иванковци, Немањици, Џумајлија, Мустафино, Ѓуриште, Троово, Црнилиште, Мечкуевци и други села имало и жандармериски станици. Теророт на турските власти бил засилен и со дозволата за крстарење на башибозучките дружини кои со години го тероризирале домашното население со секакви зулуми. Многу млади моми и невести од овчеполските села во овој период биле обесчестени, грабани па дури и убивани. Теророт се вршел и врз обичните работници – чифлигари и момоци во Овче Поле. Честите тепања на македонскиот народ од страна на жандармите и башибозукот не престанале, а такви примери се запаметени буквално во сите овчеполски села.
Огромниот труд на Димитар Галев, објавен во двотомното издание „Белиот терор“ во југоисточна Македонија 1910-1941 година, ни дава сериозни податоци за вистинската состојба во која што се наоѓале нашите предци пред повеќе од еден век.
Засиленото регрутирање на македонскиот народ во редовите на турскиот аскер во периодот од 1909-1912 година, создало голем отпор кај населението кое почнало да го искажува својот гнев кон властите на сите достапни можни начини. Освен многуте одбивања за регрутација познати се и повеќе случани на “дезертирање“ на македонците од Овче Поле кои биле регрутирани за служба во турскиот аскер. Регрутацијата и мобилизацијата на населението од војската многу често било и маска која служела за да се прикријат масовните убиства врз неподобните и непослушните. Познат е атентатот со динамит во шадраванот на една турска џамија во Штип кој го извршиле нашите овчеполци. Во почетокот на декември 1911 година, во организација на Тодор Александров, Стојан Мишев и неколку други видни дејци на Организацијата била направена експлозија со динамит од страна на Лазар Ѓеоргиев од Богословец, Паца Масева Кабурова и Мише Чоботков од Немањици и неколку други луѓе.
Тоа не била единствена експлозија во која учествувале нашите силни и храбри овчеполски жени. Непосредно пред Балканските војни учителката Коцка од Штип и Паца Масева Кобурова од овчеполското село Немањици добиле задача од Организацијата да транспортираат два сандака со експлозиви од Немањици до железничката станица Велес – Градтско, за да ја дигнат во воздух станицата. Жените ги пренесувале сандаците со маска, а кога дошле до железничката станица дури побарале помош од турците за да го растоварат товарот. Во капаците на сандаците биле скриени писма во кои пишувало “од Организацијата, за Султанот“. Откако турските жандарми ги истовариле сандаците полни со експлозив, жените се изгубиле во гужвата на станицата, а железничарите откако се посомневале во товарот ги отвориле сандаците со што го разоткриле најавениот атентат и веднаш започнала полициска потера по двете жени. Истовремено еден верен јатак на организацијата ги префрлил атентаторките до Каратманово од каде што тие сами преку Дорфулија, Милино, Кнежје и Свети Николе се вратиле во Немањици. Таму биле насобрани над 500 луѓе од Организацијата и во нивна чест приредиле голема веселба. И покрај тоа што динамитот не експлодирал, овој обид за атентат кој бил случајно откриен предизвикал голема растревоженост и страв кај турските чорбаџии и власти во регионот.
По зачестените закани од локалното население започнале и се почести киднапирања на видни дејци и членови на нивните семејства од страна на турскиот аскер. За време на Првата Балканска војна доброволците – Ополченци од Овче Поле кои стапиле во прочуените Македонско- ордински ополченски дружини биле во голем број. Во овчепослкиот дел на штипската каза четите на организацијата и месната милиција започнале да се одмаздуваат така што ги уривале турските џамии, а на минарињата на некои џамии дури поставувале крстови. Следувале и многу грабежи и пожари на турските имоти од страна на овчеполското население. Овчеполскиот “мудирлк“ кој подоцна станал овчеполска околија е запаметен како еден од најборбените предели на Македонија во периодот меѓу хуриетот и Втората Светска војна. Чистите македонски населби како што биле селата Богословец, Кнежје, Немањици, Стањевци, Горно и Долно Ѓуѓанци, Сопот, Сарамзалино, Мечкуевци, Ранченци и други со години предизвикувале голем страв дури и кај најпрочуените турски зулумџии.
Од 1900 до 1912 година во Овче Поле, неофицијално но постојано се водела вооружена и протестна борба меѓу припадниците на Организацијата и турските заптии и разбојници. Карнегиевата анкета покажува дека спроти првата балканска војна само во селата Немањици, Мечкуевци и Ранченци имало повеќе од 500 души – мажи и жени кои биле добро организирани и лојални на тајната Организација. За опасноста која локалното население ја претставувала за турските власти сведочи и односот на мудирот од Свети Никола кој по потекло бил Алабанец и заради тоа што добро бил информиран за добрата мрежа на Организацијата во Овче Поле никогаш не се осмелил да нареди некаква посериозна акција против членовите и поддржувачите на македонската борба за слобода и човечки правдини. Дури и новиот пункт на аскерот во Немањици не дал резултати, а народот од ова село не се исплашил и кога им биле уапстени 30 “бунтовници “ меѓу кои се наоѓале и 6 свештеници. Овие затвореници кои биле затворени во штипскиот затвор успеале дури и да кренат бунт во затворот и да се ослободат. Од втората половина на 1911 па понатаму во Овче Поле дошло до промена на силите во корист на македонските револуционерни чети. Затоа и турските зулумџии започнале да ги вршат злосторствата скриено и тајно. Исплашени од одмаздите кои следувале ако бидат откриени нивните имиња. Пред и за време на Првата Балканска војна во Овче Поле дејствувале четите на Јован Јанев, Дончо Лазаров, Лазо Фертиков, Томе Гинин, Ефрем Миладинов, Лазо Дивлански, Онко Малинов, Богдан Смилев – Црнилишки, Коне Пиштолков, Нако Ефремов, Глигор Циклев, Трајан Тикишинов, Крсто Коњушки, Гошо Дивлански, Игно Георгиев и други.
За време на Првата Балканска војна силата на населението дошла до израз со што во октомври 1912 со многу мал број жртви сите овчеполски села биле ослободени од страна на четите на Организацијата. Над 1000 месни доброволци и поддржувачи кои на дадениот знак за борба набрзина ја скршиле организираната турска одбрана по што успеале да ги протераат Турците, па така на овој простор била организирана и народната власт во Овче Поле. Список со имињата на луѓето кои со оружје во рака се кренале против турската тиранија може да се прочита во книгата „Белиот терор во Југоисточна Македонија“ од Димитар Галев.