Categories
Зборник за Овче Поле

ЗБОРНИК ЗА ОВЧЕ ПОЛЕ: Старите овчеполски воденици

ОВЧЕПОЛСКИТЕ ВОДЕНИЦИ

од ЗБОРНИК ЗА ОВЧЕ ПОЛЕ – книга петта (2021)

За некогашното богатство со вода на реките во Овчеполската Котлина зборуваат некогашните воденици изградени на водотеците во Котлината, во кои се мелела надалеку познатата овчеполска пченица („црвенка“) за исхрана на луѓето и други житни култури за исхрана на добитокот.

По течението на реката Мавровица до 50-тите години од минатиот век, имаше повеќе воденици.

Во атарот на селото Орел – десет воденици: Петкова, Катранска, Ванкоца, Панајотова, две Барабунски, Нацева, Телигарска, Барутлиска и Бетувска воденица.

Во атарот на село Немањици – пет воденици: Прокишова, Никевска, Мишевска, Игњатова и Панова воденица. Локацијата на првите три воденици денес е потопена од акумулацијата „Мавровица“.

На реката Немашница, која го дели старото село Немањици на два дела имаше една воденица.

Во атарот на Свети Николе, на река Мавровица имаше три воденици: Давкова, Јачева и Ѓорѓичева воденица.

На Светиниколска река, низводно до нејзиното устие во Брегалница имаше осум воденици: Ѓорѓичева, дедо Васева, Рабушчиска, Поповска, Трајкова, Амзабеговска и две во атарот на селото Аџибегово, една на север на селото во клисурата на Светиниколска Река, а втората јужно од селото, во месноста Шарланди.

По течението на Горобинска Река (поток) имало три воденици: Данаилова, Панева и дедо Колева воденица.

На Орлева Река, при нејзиното устие во реката Периш имаше Костова воденица.

По течението на реката Периш во атарот на селото Сопот имаше една воденица.

Во атарот на селото Преод, во месноста Белези (Преодски Ливади), на водотекот Врањак имаше една воденица.

На Буриловска Река имаше две воденици, во атарот на селото Буриловски и во атарот на селото Мустафино.

Во атарот на селото Ѓуземелци и денес има место кое го носи името Долни воденици. Ова е потврда дека и на Ѓуземелска Река некогаш имало воденици. Потврда за тоа е и името на селото – „ѓузел“ (убаво) и водениците во кои се „мел“(ело) убаво Овчеполско брашно.

За постоење на воденици во Овчеполието зборува и даровницата на браќата Јован и Константин Дејанови, кои владееле со Овче Поле во втората половина на 14 век. Во времето на нивното вазалство кон Турците, можеле слободно да ги користат поранешните права во областа во која управувале. Така, во 1378 година тие го потврдуваат порано дадените имоти на манастирот Свети Пантелејмон во Света Гoра и му даваат нови, и тоа: „…и село Тръстеник съ Метохомъ и съ воденицами…“.

Во атарот на селото Богословец, покрај реката Брегалница, во месноста Водениците имало повеќе воденици. Во пописниот тапу дефтери на Ќустендилскиот санџак од 1570 година се споменуваат девет воденици, кои биле сопственост на христијани (Македонци), а потоа нивни сопственици станале муслимани (Турци).

Лазар Серафимов,
2002 година

текст содржан во ЗБОРНИК ЗА ОВЧЕ ПОЛЕ – книга петта