Categories
Зборник за Свети Николе

ЗБОРНИК ЗА СВЕТИ НИКОЛЕ: Свети Николе во турските пописни дефтери од 15 и 16 век

СВЕТИ НИКОЛЕ
ВО ТУРСКИТЕ ТАПУ ДЕФТЕРИ
од 15 и 16 век

од ЗБОРНИК ЗА СВЕТИ НИКОЛЕ

Според информациите коишто се содржани во пописите од турските тапу дефтери, дознаваме за бројот на населението кое живеело во населбата Свети Никола на крајот од 16 век и во втората половина на 15 век. Располагаме со податоци од пописите од  1452, 1467/8, 1519, 1550 и 1573 година. Од овие пописи освен за бројот на населението дознаваме и за она што се произведувало, данокот кој се плаќал но и начинот на живот на населението.

Во пописот од средината на 15 век Свети Никола (Исви Никола) имало 13  семејства и 2 вдовици. Тие семејства биле на Димитар,син на Раде, Новак и Војчин, синови на Божик, Раде, син на Живе, Радислав син на Богдан, Раде син на Рајчин, Иво син на Чомак,Станко син на Јовче, Приезда син на Илко, Богдан говедар,Станиша говедар, Велимир сиромав, вдовица Добросава, вдовица Радосава и Поп Петко.

По овој попис кој бил извршен во 50тите години на 15 век следувал пописот од 1467/1468 година. Според тој пописен дефтер во Свети Никола живееле 26 семејства. Ова покажува дека од претходниот попис од кога изминале 15 години населението се зголемило дури двојно. Старешините на семејствата од пописот во 1467/68 се Димитар син на Раде, Којо син на Димитар, Станиша син на Протугер, Богдан син на Величко, Димитар син на Величко, Димитраш син на Добромир, Станиша син на Ѓуро, Ѓуро син на Венко, Петко син на Дабижов, Степан син на Дабижов, Рале син на Рајчин, Степан син на Тодор, Јован син на Ивко, Грубан син на Милош, Милош син на Танас, Раде син на Мечо, Никола син на Владе, Богдан колар, Божидар овчар, Божидар сиромав, вдовица Војка жена на Влкослав, вдовици Војка и Радослава. Разлика со претходниот попис има и во дополнителната даночна обврска која жителите на Свети Никола биле принудени да ја плаќаат. Освен зголемените  обврски  за данок на житните култури имале и   данокот за свршувачки во износ од 30 акчиња – свадбарина. Ретки се населбите кои во овој период имале свои поп и своја црква,а реткост е и тоа што во првиот попис во „Исви Никола“ – Свети Никола не се наплаќала свадбарина.

Во 1519 година во Свети Никола имало 159 семејства, 10 неженети и 11 вдовици. Ако секое семејство имало просечно по пет членови, тогаш Свети Никола имало околу 800 жители. Веќе во наредниот попис од 1550 година, тоа броело 245 семејства, 47 неженети и 9 вдовици, со околу 1230 жители.

Во пописниот Tapu defter од 1570 година на Ќустендилскиот санџак, населбата Свети Никола е регистрирана како И-с-в-и Н-и-к-о-л-а (ор.). Во пописниот лист се запишани две маала – големо и мало, и посебно село Свети Никола. И двете населби (маала) припаѓаат на нахијата Штип, а биле зеамет на Херсегли Вели, субашија на Јуруците во Овче Поле. Двете населби (маала) имале 252 семејства, 5 баштини, 8 вдовици и 93 неженети. Ако секое семејство имало по пет членови, во споменатата година населбата имала околу 1300 жители христијани – Македонци. Турци немало.

Во овој Tapu defter одделно е забележано селото Свети Никола како посебно село. Тоа било дел од зеаметот на Мехмед – ага и припаѓало на нахијата Нагорич (Кумановско Нагоричане). По име и презиме на старешините на семејствата во селото се попишани 65 семејства, 9 баштини и 28 неженети. Селото броело околу 330 жители. И во оваа населба населението е чисто христијанско – Македонско. Турската колонизација на Овче Поле започнала во првата половина на седумнаесеттиот век, кога била изградена првата џамија.

Лазар Серафимов и Никола Ристевски

текст објавен во ЗБОРНИК ЗА СВЕТИ НИКОЛЕ, 2020 година