Categories
иМАГиНАРиУМ НР

Силата на создавањето и силата на разрушувањето – извадок од „Глина и светлина“

Од што нè одвлекуваат медиумите, што би можеле да научиме ако читаме историја, различна од таа којашто се учи во образовните институции и бараме информации од други извори, наместо насила наметнатите привидно важни вести од средствата за масовно информирање? Јасно е дека кога две страни се расправаат, третата користи. Доколку ова го аплицираме на една држава или целата планета, ќе се увериме дека, всушност, е потполно точно. На пример, банките коишто овозможуваат заеми на завојувани страни, имаат најголем интерес за војната да не заврши особено брзо. Луѓето коишто не се заинтересирани за древното знаење и прифаќаат само информации што ни се предложени од официјалните институции, не умеат да видат никаква поврзаност помеѓу нештата коишто ни се случуваат пред очи. А за нешто да се скрие, најдобро се прикрива кога се наоѓа насекаде околу нас. Или за да се оттргне вниманието на широките маси од определена ситуација, дејствување, цел или енергија, најлесно е истите да се уверат дека тоа коешто треба да биде прикриено, всушност не постои.

Вниманието од опасните настани, случувања и содржини, најлесно се одвлекува доколку истите ни се апла пред очи, па иако се очебијни, се зголемува неумешноста да се спознаат и видат во вистинското светло. Симболите се насекаде околу нас, ни бодат во очи, а ретко кој умее да сфати дека тие истовремено се езотерични и егзотерични. Накратко – обзнануваат повеќе значења, само за да го прикријат вистинското, кое, сепак, работи во полза на малиот број живи луѓе коишто со своето постоење придонесуваат за подобра иднина на целото човештво. Игнорирањето не е благослов, средствата за масовно информирање ни прскаат црн металик спреј врз третото око, при три очи, сепак, повеќето се ќори, а продолжува недовербата кон четвртото – окото на душата. Борбата за нашите умови, тела и души се случува секојдневно, и покрај нашето игнорирање на истата. Поганоста на умот и телото и гнасењето на истите се секојдневна одлика на човечкиот род. Она што до некаде останува чисто е душата на човекот. А таа не смее да се меша онаму каде што не и е место.

Многумина од луѓето на новиот век немаат поим за темната страна на месечината и за ерупциите на сонцето, а самата светлина за „модерните“ претставува она што доаѓа од светилките, светлечките реклами, халогенки, билборди и слично. Уште пред векови, Леонардо да Винчи пишувал за различните видови на сенки, и за тоа како сѐ што гледаме, всушност е игра на светлина и сенки, а предметите ги гледаме поради начинот на којшто светлината се одбива од нив, што зависи од густината на истите. Густата материјалност на овој свет многу добро е опишана и во учењето на Богомилите. Исак Њутн успеал да покаже и докаже дека светлината всушност е спектар од бои, што може да се види преку неговата призма. Начинот на кој го гледаме светот е повлијаен од колективната свест, но сепак, потсвеста упорно се труди да ни покаже дека виножитото всушност е во окото, а не на небото. Старите легенди говорат за богатството кое се наоѓа на краевите од виножитото, што укажува дека, всушност, богатството е во секој од нас, а тоа е светлината којашто нѐ одржува во мракот на секојдневното битисување. Во почетокот беше мртвата точка, а првичност беа само силата на создавањето и силата на разрушувањето.

(2015)