Categories
Зборник за Овче Поле

ЗБОРНИК ЗА ОВЧЕ ПОЛЕ: Кнежје

КНЕЖЈЕ

Селото се наоѓа на 3,5 километри оддалеченост од Свети Николе, во долината на Кнежевска Река, на нејзината лева падина, која се протега кон југоисток. Покрај селото, на спротивната падина се наоѓа возвишението Градиште. Во народот се зборува дека на споменатото Градиште “седел некој кнез”. По него и селото го добило името. Потоа селаните кажуваат дека трврдината на Градиште ја срушиле Турците, кои ја гаѓале со топови од месноста Дивљак. Преку споменатата долина водел стар пат во правец во правец Велес – Свети Николе – Куманово, и кон Штип и Кочани.

Во атарот на селото лежат следните поважни месности: Река, Градиште, Под лозја, Горни ливади, Манѓеле, Канда, Гробишта и други…

…во 1392 година Овче Поле заедно со населбите во него паднале под турска власт. Во споменатата година било срушено утврдувањето во селото Кнежје, како што велат селаните, со топовски ѓулиња било гаѓано од месноста Дивљак. Во истата година била запалена црквата Свети Никола. Тогаш биле срушени и црквите Свети Спас, Свети Илија и Свети Трифун, изградени пред црквата Свети Никола. Денес во месноста каде се наоѓале црквите има камени крстови и селаните се собираат на овие места на соодветните верски празници.

По воспоставувањето на турската власт во Овчеполската Котлина, селото Кнежје административно му припаѓало на Ќустендилскиот санџак, а влегувало во Штипската нахија. Селото било колонизирано од Турците во втората половина на 16 век. Во пописниот Tapu defter на Ќустендилскиот санџак од 1570 година селото Кнежје е заведено како Кнежица. Понатаму во пописниот лист се вели дека неговиот синот е мешан со околните села. Селаните даваат ушур како обична раја. Според пописот во селото живееле 77 македонски (христијански) семејства и 4 турски (муслимански) семејства и броело околу 400 жители.

Со дозвола на турската власт во првата половина на 16 век црквата Свети Никола била обновена, за да биде повторно запалена во 1690 година. Во оваа година, по Австро-турската војна (1683-1689) по повлекувањето на австриската војска, покрај црквата настрадало и селото од турски башибозук. Црквата била повторно обновена во почетокот на 19 век. Над црквата, во месноста гробишта се наоѓаат гробиштата на селата од неговото основање.

Турската колонизација на Кнежје продолжила и во наредните векови, но македонското – христијанско население секогаш било побројно. Во првата половина на 19 век во селото имало 15 турски семејства. Во втората половина поминале во соседното поголемо турско село Горобинци. На нивните името во село Кнежје од Горобинци дошле последните македонски родови од ова село – Ордеви и Ристови, извршиле размена со Турците на земјата и куќите. Турското маало во Кнежје се наоѓало во југозападниот дел на селото. Нивните гробишта се наоѓале југозападно од селото, во месноста Гумна.

По распаѓањето на тимаро – спахискиот систем во Турција во првата половина на 19 век, во селото Кнежје биле оставени 4 чифлици. Последни сопственици на чифлиците биле Осман, Даут, Табак Алија и Леанче. Леанче живеел во Штип, а останатите во Велес. Чифлиците ги обработувале селаните – чифчии.

Во Кнежје поради положбата на селото на стариот пат постоел голем ан. Во него можеле да се сместат околу сто патници. Тука останувале на ноќевање ќираџии со коњите и камилите, но и многу печалбари кои на пролет оделе во Романија или Бугарија, а на есен се враќале. Анот е затворен во крајот на 19 век кога била пуштена во сообраќај железничката пруга во долината на реката Вардар. Последен анџија бил Арсо со син му Коце.

Во народната традиција не се знае кога е основано селото. Во него живеат семејства чии предци се доселени во селото во 19 век.

Лазар Серафимов,
учител
(1933 – 2013)

 Објавено во ЗБОРНИК ЗА ОВЧЕ ПОЛЕ – КНИГА ПРВА, 2017 година