Categories
иМАГиНАРиУМ

Извадок од „Глина и светлина“

…сите сме еднакви, ама не сме сите исти. Личниот пристап кон вечната убавина на она што го нарекуваме живот не прави различни. Еднакви сме затоа што организмите ни се со ист состав, иако ние и за нашите тела не знаеме нешто особено многу, па често дури и реакциите на сопствениот организам можат да ни изгледаат туѓи. Се додека нема да се спознаеме себе си ќе биде така, а и ќе сме различни од она што ни е дадено да го изживееме како потенцијал. Денешната цивилизација покажа и докажа дека иако умее, не сака да напредува во правец кој што би го олеснил постоењето на целиот жив организам – планетата Земја. Наместо тоа, во нешто повеќе од половина век, човештвото се размножи неколкукратно,  а технологиите кои што се пуштаат за масовна употреба, нивото на квалитет и морални вредности во средствата за јавно информирање, начинот на управувањето со државниот апарат и трудот на населението, научните парадигми и ограничени погледи кон спознавањето на природата, потврдија дека иако многу добро знаеме да деволуираме, тешко ни е да еволуираме. Веројатно затоа што вака ни е удобно, м? Можеби затоа што и покрај тоа што знаеме дека со редовното користење на „паметните“ уреди си влијаеме штетно на нашите организми, на интернет повеќе зјапаме отколку што читаме, во секојдневието се одродивме и одчовечивме, заборавивме на небото и земјата, не опседна егзистенцијалниот страв и не научија дека парите го вртат светот? Можеби, ама и не е баш така, ѕе!

Заспани во таа „удобност“, можеме и да умреме – не со тело, туку со ум и дух. Човечкиот мозок, поделен на две хемисфери, има постојана потреба од активности кои што ќе го одржуваат во живот. Човечкиот дух има нужда од мир и спокој за да му овозможи на телото да се исцелува. Парите можат да купат материјални удобства, но не можат да купат мир. „Пара красе, пара гнасе“. Истовремено, духовното може да го стабилизира материјалното. Дух без материја не бива, и обратно. Поминува и втората деценија од она што го нарекуваме нов милениум, а…

Текст напишан во 2016 година, дел од книгата во подготовка – „Глина и светлина“