Глина и светлина
Трпение…спасение. Трпи, закрпи ги лузните. Не си сам во ова, целиот твој народ го чувствува истото. Сепак, луѓето се плашат кога некој им ја говори вистината. Оние најумните сѐ уште не знаат како да ги нахранат милионите гладни деца низ светот. Ретките видови животни и растенија умираат сè побрзо и посигурно. Земјата сама ќе се уништи од нашата деструктивност. Најучените уште не умеат да објаснат како биле изградени пирамидите. Религиозните упорни – чекаат да дојде Некој од небото и да ги спаси. Трпение…
Не обрнувајте внимание на младите – па зар иднината навистина зависи од нив? Што е реално, и колку илузијата ја има искривено реалноста? Ангели и Демони или борба на сите нивоа, сега и овде, и на јаве и на сон? Што би рекле чукун дедовците од пред век и кусур, ако знаеле дека ќе дојдеме до ова дереџе? Дали се раѓаме знаејќи сè, учиме во текот на животот, или мислејќи дека живееме забораваме сè? Можеш ли да погледнеш во ѕвездите, а да не ти се сврти свест? Можеш да ја почувствуваш бурата што доаѓа? Ги читаш ли знаците и зар уште веруваш во случајности?
Не плаши се. Стравот брзо го обзема поголемиот дел од сè она што всушност сме, па така е лесно да бидеме програмирани. Ни инсталирале шаблони, та веројатно заради истите нема дума за спознание. А и често прелестно ја мешаме илузијата со созерцанието. Матни се скриените долапи на свеста, а бистра е водата која ни дава живот. Тука е и маната наша насушена.
Знаеме кои сме, знаеме зошто сме овде баш сега, но не знаеме како да се видиме самите себе јасно. Истовремено, многумина сè почесто собираат храброст за да размислуваат гласно. Со страст се бориме против крастата, се тешиме со филозофијата на растите, ра е обратно од ар, па ќе пораснеме ли ако победиме? Победа – по беда, поголема беда? Прашалниците големи, одговорите ги нема две децении и кусур, многу се чудеа и станаа апла чудаци. И сега, што правиме – што е вистина, а што вистинитост? Вајстина е дека вистината истина, па кој е од глина, а кој од светлина?
Луѓето уште веруваат дека игнорирањето е благослов. Сè почестото „само позитивно“ однесување и те како ја мултиплицира силата на она пред кое што ги затвараме очите. Се штитиме од „лошото“, игнорирајќи „не нè допира злото“, „нештата се убави ако ги погледнеш од светлата страна“? Добро/зло е различно од добро/лошо. Многу арно не е на арно.
Темнината е недостаток на светлина, но и објектите коишто ги гледаме како светли се всушност темни, сè додека светлината не почне да се одбива од нив. Па, што е светло, а што светлина? Што е темнина, а што теменина? А суетлина? Кој паднал поради гордост и суета?
„Не поклонувајте се на идоли“ – се сеќавате на тоа. Но, како да заборавивте дека истото важи и за живите луѓе. Идолизирате суштества коишто комплетно битисуваат и делуваат на фрекфенција која ве држи на сигурно во конформитетот на секојдневното умирање. Се раѓаме за да умреме, или се раѓаме за да живееме? Зафатени со смртта сме преокупирани од деструктивноста, па забораваме да живееме. Колку умреа за Македонија, а колку живи ја убиваат Македонија?
„Сè за татковината.“
„Македонија пред и над сè.“
А децата, младите, Македонците?
Македонија е мајка, но алчноста е маќеа.
На кое ниво од пирамидата на вашите интереси се наоѓаме? Удобните фотелји, климатизираните канцеларии, службените телефони и автомобили ви се за да ѝ помогнете на земјава, или на сами себе? Зар не требаше со сиот наш труд да овозможиме да има прво за целата земја, а потоа за секој од нас. Невидливата рака удира воспитни, порано или подоцна. Не си Македонец ако кажеш дека ти е тешко?! Од лесното, останаа само нашите души – лесни ко пердув. А најтешкото ко допрва да доаѓа. Трпение…
Се плашите ли од Светлината?
Н.Р.
(2014)