Categories
иМАГиНАРиУМ

Еволуција или деволуција?

Еволуција или деволуција?

Што знаеме за самите себе, поднебјето каде живееме и начинот на живот на нашите предци? Колку и да не сме сакале, сепак ги паметиме разговорите на нашите дедовци и баби, приказните, случките и преданијата пренесени од нив, и начинот на којшто тие генерации со страст говореа за како тоа било кога биле деца. Тоа беше кога ние бевме деца, а сега сме малку повозрасни, па сакале или не – се прашуваме што ја има предизвикано таа страст во приказните на нашите предци? Дали навистина порано се живеело поарно, или само точката на перцепција била поразлична? Современиот човечки ум веднаш реагира – штом како генерација сме толку напредни и отидовме напред со технологијата, индустријата и изумите – па логично би било сега да ни е подобро отколку на оние кои живееле овде пред само еден век? Но, колку тој „современ“ ум знае во што всушност се впушта кога целата „модерна“ напреднатост ја гледа како добра, успешна и корисна?

Дали во последните шеесетина години човештвото еволуираше или деволуираше? Бројот на население на земјината топка се зголеми за неколку пати, гладните и жедните се во сè поголем број, сите модерни изуми само ја зголемија бедата на целата планета, а новите закони сѐ посилно се трудат да го променат и природниот код, според кој живееле нашите предци. Иако како генерација јасно ја созерцуваме мудроста којашто доаѓа од исток и модерните технологии од запад, сепак сѐ уште не сме успеале да си го определиме вистинското место во случувањата – од каде што би си помогнале не само на себе, туку и на целиот свет. Истовремено, големите пропаганди, сили, материјални центри на моќ и нисковибрантни групации сѐ посилно ни го нишаат и онака лабавото плато на коешто се надевавме дека ќе стапнеме.

Неумешоста да се спознаеме онакви какви што навистина сме, дополнета со игнорирањето на скоро сѐ што ни оставиле нашите предци и влијанието на т.н. модерен начин на живот, сѐ посилно не оттргнува од можноста да повлијаеме на сопствената судбина и да бидеме свои на своето. Па така, како што пророк во сопствено село не бива, од кај не сме свои, па и го губиме своето, а со секој нов живот наместо да се зголемува надежта дека истиот ќе ги почувствува благодетите од самата природа, се зголемува тагата бидејќи сѐ повеќе се оттуѓува она што е наше – поради беспарицата, се продаваат и старите објекти, делови од земјата, и што ли уште не. Сето тоа поради „новиот“ начин на живот и адаптацијата во истиот – нели така било во целиот свет, па сме морале да делуваме според истиот. Но, зар сѐ уште ќе веруваме дека еволуираме, кога всушност деволуиравме?

Н.Р.

(2014)