Со три очи – кочи
(трај и прај)
Реалноста везден е и те како повлијаена од секојдневното деструктивно делување на колективно ниво. Ако земјата е жив организам, а сите творенија на природата и живи битија се органи во сето тоа движење во универзумот, зар не е свето самото постоење на небото, земјата и сите нас на неа? Веројатно секој човек се раѓа на определено место по некаква претходно определена причина, за која што параметрите се дадени од генот, поднебјето, подземните токови, сончевите зраци и сè видливо и невидливо. Доколку целта е дефинирана, резултатот неизбежен, зар сите наши обиди за промена на токот на сето невидливо течение низ сè не се само обично игнорирање на истото тоа свето начело? Космосот како организам си работи без разлика дали нашите тела затворени во пет сетила го прифаќаат тоа или не. Екстрасензорната перцепција и протокот на несвесното низ каналите на истиот тој етер кој до некаде ни ја доловува „другата“ страна, ни овозможуваат малку појасен увид за секојдневното битисување. Бит е ритам, код, шаблон, патерн – циклично повторување, а крајот ќе покаже дали минатото и иднината постојат или од секогаш сè е сега, овде – немо, а присутно.
Веќе е сигурно дека „другата“ страна делува, без разлика за нашиот суд за постоењето на истата. Повторувањето на манифестациите на телепатија, универзална љубов, взаемно чувствување на природни феномени, се сè почести кај денешните живи луѓе со малку помлад генетски код од оние кои се авторитети во колективното спознавање на реалноста. Сето тоа е видливо преку многубројните енергетски клатна, спуштени астрални нивоа, засилен проток на вибрација низ пониските чакри, егрегорното влијание на вистинитоста и суптилноста на глината истината. Истинати, можеме да примиме и ако сме доволно чесни да пропуштиме проток на троа од тоа целото вртење на големото тркало на времето. Со ладни глави, простум со прост ум, ако сме доволно жедни, можеби и ќе се напиеме од изворот на сеќавањата. Оти, како намерно заборавивме да запаметиме – сите до еден, уште пред Градината од Еден. Победениот не е беден, туку победникот – оти поголема победа носи поголем пораз, како што е горе така е и долу, како внатре – така надвор, а ко да дојде време да е и обратно. Па, како овде долу – така да е и горе, бидејќи можеби баш сега вратите на перцепцијата се отворени и можеме ем да поминеме до онаа страна, а и да се вратиме живи и здрави.
Ѕе, оти на крајот навистина сè едно е, и сеедно е оти глината е истината. Вина невина, самовили боси по росни треви, па кој ли тоа цело време ти вреви? Треба да се исчисти плевелот, за полето да го врати сјајот. Бело Поле, каде е сега правдина? Вина ли е што реката е Таен Рај, а лавата од под земја сјае? Кој ни е крив кога амбисот се отворил и зјае? Прав ли е змејот што со еони трае? Што ли тоа пред очи ни се ткае? Колку порти има перцепцијата наша и има ли некој храброст да праша зошто дек е десет а го сметаме ко дванаесетти месец, оти окт е осум а за нас е десетти, септ е седум а деветти, и така натаму до бескрај, само кога хаосот сам ќе створи ред можеби едвај ќе видеме рај. Намерно заборавивме и ненамерно ќе се сетиме дека дамлата нè има удрено одамна. Апла, од едно амле – кога паднавме сите во мрак и заборавивме на сончевиот зрак. Веќе се гледаат децата кои на челото имаат знак, на крај среќен ви пат со сплавот на реката Таен Рај. Трај и прај, има кој да зјае, а кој да бае. Секој крај е нов почеток и нема ништо ново под Сонцето, па затоа сè е дозволено, но не сè е полезно. А крајната природна селекција е неизбежна. Со три очи, кочи.
Н.Р.
(2014)