Categories
Овчеполски приказни

ОВЧЕПОЛСКИ ПРИКАЗНИ: Приказна за прачките и високот

ОВЧЕПОЛСКИ ПРИКАЗНИ е книга која беше објавена минатата година и содржи 12 приказни за деца и возрасни 🙂

Година 1991. Место – Овче Поле. Двајца дедовци, едниот учител и историчар, а другиот новинар и правник, пријатели уште од пред да се осватат, ги живеат пензионерските денови обидувајќи се да поминат што е можно повеќе време со нивниот внук. Детето е на шестгодишна возраст, веќе го имаат научено да чита и пишува на кирилица и на латиница, и е љубопитно за муабетите на старите. Претпоставува дека дедовците кријат некаква тајна, а тие му раскажуваат приказни со различна содржина….

ПРИКАЗНА ЗА ПРАЧКИТЕ И ВИСОКОТ

Попладневното сонце го печеше дворот, а ветерот си играше со крошните на дрвјата, цвеќињата и бршленот во дворот на учителот. На масата под стариот орев  имаше леблебија, вода, книги, неколку тетратки и многу листови со нејасен ракопис, цртежи и скици. Детето играјќи си на нишалката, слушна дека нешто тропна. Се сврте и виде дека дедо му вади некакви прачки од едно торбиче.

„Какви се тие прачки, дедо?“, праша детето слегувајќи од нишалката.

„Бакарни, синко.“

„Зошто ти се?“

„Ми помагаат да пронаоѓам скриени работи“, рече дедото бришејќи ги со крпчето за очилата.

Детето пружи рака кон торбата, ѕиркајќи внатре.

„Што друго има внатре?“

„Трпение. Овие работи сакаат трпение.“

Дедото извади висок од торбата и го остави до прачките.

„А ова, што е?“

„Ова е висок, нишало. Исто вакво користат мајсторите ѕидари за да гледаат дали ѕидот кој го ѕидаат им е прав.“

Детето го зеде високот, обидувајќи се да провери дали масата е права.

„Масата е крива“, свечено заклучи детето станувајќи од столот.

Застана со високот во раце, гледајќи го како се ниша на ветерот.

„А што мериш ти со ова? Па не си ѕидар…“

„Високот ми помага да пронајдам одговори на тешки прашања.“

„Прашањата не се ѕидови.“

„Одговорите на таквите прашања се како пукнатини во ѕидот на незнаењето. Колку повеќе се, толку е поголема веројатноста тој да падне.“

„Покажи ми како.“

„Застани каде што беше пред малку…“

***

ISBN – 978-608-66148-7-4