Categories
НР

Водич за (аван)туристи во Овче Поле: Општина Свети Николе (прв дел)

Поздрав до сите поранешни, сегашни и идни посетители на Овчеполието. Ви благодариме за вниманието и заинтересираноста.

Со почит,

www.OVCEPOLE.mk
&
Продукција АРИСТОН

Водич за (аван)туристи во Овче Поле:

Локации во Општина Свети Николе
(прв дел)
текст & видео

Град Свети Николе

Градот Свети Николе претставува централна и главна населба на Овчеполието, културен и економски центар на Општината и населба со голема историја и културно наследство. Географската поставеност на Свети Николе го прави лесно достапно за сите посетители и туристи. Постојат многу легенди за ова гратче, а во него се наоѓаат цркви и камени крстови кои биле изградени на позиции преку кои формираат крст. На територијата на денешниот град се пронајдени остатоци од средновековни и антички населби и праисториски артефакти од далечниот неолит. До 1945 населбата го носела името Свети Никола. Во 21 век Свети Николе располага со огромен потенцијал за економски, еколошки, научен и туристички развој.

Храм „Свети Николај Чудотворец“

Денешната црква е изградена во последните децении од минатиот век врз темелите на старата црква од 19 век. Старата црква која е вкопана под земја и датирана во далечната 1847 година. Од 2011 година е посветена на Свети Прохор Пчински кој потекнува од Овче Поле, а „горната“ – новата црква го задржа името Свети Никола. Во старата црква се наоѓаат импресивниот олтар од 19 век и многу стари икони. Изградбата на црквата во 1847 е поврзана со добивањето официјална дозвола за пазар и оформувањето на гратчето Свети Николе.

ОУ Народен Музеј

Општинската установа „Народен музеј“ постои веќе неколку децении и го претставува културното наследство на Општина Свети Николе. Музејот ги содржи следните постојани поставки: археолошка, етнолошка, историска, лапидариумот, како и просторот за повремени изложби и настани. Артефактите кои се наоѓаат во Музејот се датирани од праисторијата па до минатиот век. Највпечатлива е збирката од „Билазора“, во која се изложени артефакти од античкиот локалитет дополнети со современа макета – диорама на локалитетот. Музејот се наоѓа во објект кој бил изграден во далечната 1924 година и претставува официјално заштитено културно наследство.

Археолошки локалитет „Билазора“

Се наоѓа на возвишението Градиште во атарот на селото Кнежје на 3,5км југозападно од Свети Николе. Потврден антички град кој постоел од 7 до 2 век п.н.е. Во подножјето на локалитетот може да се забележи антички резервоар за вода. Ридот е поделен на три тераси, од кои е откриен бедем од камени блокови широки и до еден метар. На врвот од возвишението се наоѓаат остатоци од античка улица, населба и владетелска палата од пред нашата ера. Архитектурата на овој локалитет го прави најрепрезентативно античко наоѓалиште на овие простори. До локалитетот може да се стигне со автомобил или пеш преку асфалтниот пат и новоизградената пешачка патека.

Геоглиф

„Геоглифот“ во Општина Свети Николе се наоѓа на едно мало возвишение кај Шарков рид. Местото стана познато во целиот свет по научните истражувања во 2014 година за кои беа објавени научни трудови и се остварија промоции во многу книги, научни трудови, прилози и емисии.

Геоглифот може да се посети по земјен пат преку селото Црнилиште и пеш од градот преку Вакав, Канда и Дудин дол.

Говедар камен

Говедаровиот камен претставува импресивна камена формација која се наоѓа на тумул од праисторијата. На ова место луѓе доаѓаат со векови секоја година ден пред Ѓурѓовден. Народните верувања кажуваат дека Говедаровиот камен имал мистична моќ да помага за плодност и бериќет. Постои стар ритуал кој посетителите намерници го прават со црвено бели конци … Каменот е споменат во многу стари патеписи, најпознат од кои е A Journey Through Yugoslavia – Black Lamb & Grey Falcon на Ребека Вест, книга чиј наслов е инспириран од жртвувањето на јагнињата на Говедаровиот камен во денешна Општина Свети Николе.

Ѓуриште

Ѓуриште е возвишение кое е дел од Градиштанската планина и се наоѓа во северозападниот дел од Општина Свети Николе. На Ѓуришкиот масив се потврдени многу археолошки локалитети, најстарите од кои се датирани дури во далечниот неолит. Ѓуриште е нарекувано „воздушна бања“ на Овчеполието. Возвишението активно се користи за излети, прошетки и кампувања. На Ѓуриште уште можат да се видат остатоци од ЈНА цркви села, а на еден од врвовите е сместена големата „топка“ – станица за хидрометеоролошки прогнозирања за целиот регион. Ѓуришкиот масив изобилува со лековити билки и растенија.

Ѓуришки манастир

Манастир “Света Богородица” – Ѓуриште. На местото од сегашната манастирска црква, постоела друга, која во 16 век била срушена. Сегашната манастирска црква, во помали димензии и без купола е возобновена пред околу еден век. Иконите на иконостасот се од 19 век, а фрескописот е нов. Ѓуришкиот манастир со црквата и старите конаци во изминатата деценија привлекува се повеќе посетители и туристи. По реновирањето на црквата и конацита, бројот на соби кои се достапни за престој е зголемен. Домаќин на манастирот е дедо Дане.

Богословец

Ридот Богословец и истоименото село се едни од најсниманите предели во историјата на македонската кинематографија. Највисокиот врв Свети Јован Богослов е висок околу 750 метри. Во атарот на селото се наоѓаат остатоци од стариот рудник „Македонија азбест“ кој работел во првите децени од втората половина на минатиот век. Во селото Богословец се наоѓа црквата Свети Јован Богослов од 19 век. На јужната страна од Богословец, во непосредна близина на Брегалница се наоѓа надалеку познатата „кисела вода“ која луѓето уште од многу одамна ја користат за лекување според народната медицина. За киселата вода постојат многу легенди, а овој извор е посетуван и ден денес преку земјениот пат од Богословец до Брегалница.

Ѕид

„Ѓаволски ѕид“, нарекуван и „Редени камења“ претставува гео-морфолошка формација која се наоѓа на јужната граница на Општина Свети Николе. За оваа локација било пишувано уште од крајот на 19 и почетокот на 20 век, а во 21 век е една од најпосетуваните локации во Општината и регионот. Постојат записи според кои најпрвин ѕидот бил нарекуван „Редени камења“, па „Шејтан дувари“ со значење „Ѓаволски ѕид“. За оваа локација постои многу стара легенда која уште се памети од населението во овие краишта.

Орел

Селото Орел се наоѓа во североисточниот дел од Општината, на околу 11км од Свети Николе. Денешното село е на локација во чија близина одамна постоел надалеку прочуениот „Орлов ан“ – позната попатна станица од некогашниот „царски пат“ кој минувал низ Овчеполието. Селската црква „Свети Ѓорѓи“ е изградена врз темели на постара црква во 19 век, денес црквата е зачувана заедно со дел од стариот фрескопис. Името на селото сведочи за присуството на орлови гнезда, а од возвишението Скок може да се разгледа многу голем дел од Овчеполската Котлина. Во селото се наоѓа домот на извидничкиот одред „Гоце Делчев“ од Свети Николе.

Црквите во Општина Свети Николе

Во Општина Свети Николе постојат повеќе стари цркви ги привлекуваат посетителите и туристите. Освен црквите кои веќе ги споменавме, старите храмови градени во 15 и 19 век на темели од постари цркви кои се наоѓаат во денешната Општина Свети Николе се импресивни по својата големина, вид на архитектура и фрескопис. За најстара се смета црквата „Свети Никола“ во Буриловци, која потекнува од 9 век и е со зачуван фрескоживопис од 15 век. Црквата во Крушица е од 15 век. Многу зачувани фрески можат да се видат и во црквата „Свети Николај“ во Мечкуевци. Од 19 век се и црквите во Богословец, Кнежје, Преод, Сопот, и други села. Срушени цркви можат да се видат во селата Трстеник, Немањици, Строиманци, итн.

Учтиво Ве замолуваме да внимавате на културното наследство и да се грижите за природата. Добродојдовте во Овче Поле.

текст – м-р Никола Ристевски

видео – Дуле Јанев

ЗАБРАНЕТО Е КОПИРАЊЕ, ПРЕВЗЕМАЊЕ НА ТЕКСТ БЕЗ НАВЕДЕН ЛИНК ОД ОВАА СТРАНИЦА И ИМЕ НА АВТОРОТ И СЕКАКВА ДРУГА УПОТРЕБА НА ТЕКСТОТ СО ПРОМЕНА НА НАСЛОВ, СОДРЖИНА, КОНТЕКСТ, СЛОВОРЕД, etc 🙂 Информациите се содржани во „Управување и маркетинг со туристичкиот потенцијал во Овчеполската Котлина“, м-р Никола Ристевски, 2017.

ДОЗВОЛЕНО Е СПОДЕЛУВАЊЕ НА СОЦИЈАЛНИ МРЕЖИ, ПРЕВЗЕМАЊЕ НА ДЕЛОВИ ОД ТЕКСТОТ СО НАВЕДЕНО ИМЕ И ЛИНК И КОРИСТЕЊЕ НА МАТЕРИЈАЛИ ПО ДОГОВОР СО ПРОДУКЦИЈА АРИСТОН & WWW.OVCEPOLE.MK 🙂 🙂

Во следниот период на оваа интернет страница ќе можете да се запознаете уште со многу локации во Овчеполието од Општините Свети Николе, Лозово, Штип, Карбинци, Пробиштип, Кратово, Куманово, Петровец и Велес кои се наоѓаат на територија која уште од дамнешни времиња се нарекувала ОВЧЕ ПОЛЕ.

Повеќе информации можете да прочитате во книгите „Свети Николе – главната населба во Овчеполската Котлина“, „За Овчеполските работи“, „Зборник за Свети Николе“, „Зборник за Овче Поле“ – книга 1-5, достапни во книжара и печатница Бубамара во центарот на Свети Николе позади зградите на Општината и Народниот музеј. Фотографии од Овче Поле се достапни во Фото Кисс и Печатница Цвај. Повеќе видеа на YouTube (клик)

Радио емисии

Блог

Благодарност до сите соработници, читатели, гледачи и поддржувачи на нашата работа.